Зголемен е бројот на хоспитализирани пациенти на детското одделение во општата болница Куманово, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа. Најголем процент на хоспитализираните се деца заболени од вируси, но и дечиња кои имаат алергиски реакции, неколкумина се заболени од „голема кашлица“.
Болнички се лекуваат 20 деца, дневно на одделението има и по 50-тина деца од новороденчиња до десет години. Оние со потешка клиничка слика, пневмонии се хоспитализирани, останатите со полесна клиничка слика се лекуваат на дневна болница.
– Пролетната сезона почна и се зголемува бројот на деца кои имаат вируси и алергиски реакции. Во моментов имаме и деца заболени од „голема кашлица“-пертусис, изјави началничката на детското одделение д-р Ферихан Бајрами.
Родителите ги носат децата и барата помош од педијатрите за зголемена телесна температура, кашлица која прогресира во потешки компликации, со опструкции, пневмонии.
– Последно време имаме дечиња заболени од пертусис. Најголем процент се деца на училишна и предучилишна возраст, но и новороденчиња кои поради возраста не можат целосно да бидат вакцинирани, ниту со прва, ниту со втора доза. Ако родителите забележат покачена температура, кашлица, веднаш да се извршат испитувања и ПЦР метода за пертусис што се прави во лабораторијата и веднаш да се изолира детето и да се почне со соодветна терапија, вели докторка Бајрами.
И алергиските реакции предизвикуваат проблеми кај децата. Симптомите појаснува педијатарот се кивање, кашлица која е сува и надразнителна, бистра носна секреција, затнато носе, чешање на нос и очи.
– Во моментов се инхалаторни полен, цветови, прашина. Потребно е да се направат алерголошки испитувања. И во болницата нудиме таков тест преку крв, кажа Бајрами.
Педијатрите препорачуваат здрава, балансирана исхрана, внес на витамини. Одделението е добро екипирано и можат да се справат со зголемен број на заболени деца.