Податоците на службата за вакцинација при Општата болница со проширена дејност во Дебар потврдуваат дека само во 2023 година, повеќе од 150 деца се испишани од евиденцијата за вакцинација.
– Станува збор за деца на возраст од 0-18 години, за кои имунизацијата е задолжителна. Појавата на испишување е присутна со години и бележи постојан раст. Минатата година тој број е 150 што е за 23 повеќе споредено со претходната година, кога од евиденција за имунизација се испишаа 127 деца, велат од службата, која со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа.
Додаваат дека тоа се прави врз основа на барање на родителите, кои со своите деца заминуваат, главно во странство или во друг град во државава. Во исто време им се дава и вакцинален картон за примени вакцини.
Опфатеноста со вакцини на ова подрачје, кое е под надлежност на дебарската служба, секогаш била со висок процент, дури и до 98 отсто, што е резултат и на ангажираноста на службата, со редовно информирање преку доставување покани, за датумот на имунизација, како и посета по селските населени места.
Минатата година опфатеноста со имунизација е 95 проценти, што во однос на претходната 2022 година бележи намалување за два отсто.