Почна уредувањето на плоштадот во село Долни Балван, Општина Карбинци. Градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов на денешната прес-конференција рече дека станува збор за довршување на проектот со изградбата на каналот „Герен“ во село Долни Балван, со што истиот ќе биде целосно комплетиран. Проектот е финансиран од страна на Владата преку унгарскиот кредит.
-Продолжува истиот проект уредување на една партерна површина во истото населено место, место кое ќе биде дополнителен урбан лик на селото Долни Балван. Во наредните денови очекувам да биде комплетиран овој целосен проект. Истиот е финансиран од унгарскиот кредит – изјави Паунов.
Во меѓувреме продолжуваат и останатите активности во Општина Карбинци, во повеќе населени места пред се во делот на инфраструктурата. Од утре треба да започне асфалтирањето на третиот влез во село Таринци, а ќе се реконструираат уште две улици.
-Завршено е речното корито на Козјачка Река, а проектите за патната инфраструктура ќе продолжат и во месец март-рече Паунов.
Тој најави дека во следниот период ќе започне втората и последна фаза од изградбата на регионалниот водоводен систем Плачковица, со којшто плачковичките села ќе добијат сигурно водоснабдување. Инвестицијата е вредна над 500.000 евра, а со зафатот трајно ќе се реши прашањето со водата во повеќе села од подрачјето на општината. По објавувањето на тендерот од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање, се очекува старт на градежните работи. (МИА)