На централниот митинг во Охрид, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, се обрати пред граѓаните со порака за успешноста на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски и нагласи дека резултатите се видливи и конкретни.
-Ви се обраќам со радост, гордост, но и со голема одговорност. Пред година и пол дадовме ветување дека Македонија ќе оди во вистинска насока – дека ќе ја браниме надворешно и ќе ја градиме внатрешно. Тоа ветување не е празен збор, тоа е завет пред нашите поколенија, истакна Сајкоски.
Тој посочи дека Владата во изминатите 15 месеци направила голем исчекор, кој, според него, не го направила ниту една претходна Влада. „Имаме економски раст, намалување на невработеноста, подобрување на инфраструктурата и нови инвестиции. Овие дела го потврдуваат напредокот и резултатите“, додаде Сајкоски.
Во своето обраќање, Сајкоски ја истакна и важноста на поддршката за актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат во Охрид, Кирил Пецаков:
-Имаме човек за пример кој испорачува дела и проекти за Охрид, кој ја презеде општината со огромен долг, а денес таа нема долгови и има реализирани проекти. Не им верувајте на оние што ве лажат или нудат празни ветувања. Верувајте на луѓето кои работат и испорачуваат – верувајте на Кирил Пецаков, порача генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Сајкоски ја потенцираше важноста граѓаните масовно да излезат на избори и да ја поддржат кандидатурата на Пецаков за да продолжи континуитетот на развојот и успешните проекти за Охрид.