Почитувани граѓани на Општина Радовиш, навршуваат три години од кога ми беше дадена чест да бидам градоначалник на оваа мала, но прекрасна општина. Денес, гледајќи назад, чувствувам голема благодарност што имав можност да работам заедно со граѓаните, да се залагам за нашата иднина и да ги придвижам важните проекти кои имаа директен и позитивен импакт на сите нас, изјави Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш.
„Во изминатиот период, во кој заеднички ја издигнавме општина Радовиш на ниво на развој и просперитет, гледам многу постигнувања, кои успеавме да ги реализираме преку значајни проекти кои ја подобрија инфраструктурата, образованието, културата и многу други сфери од животот.
Денес со гордост стојам пред вас, да ви презентирам некои од клучните проекти што ги реализиравме и кои го зацврстија патот кон поодржлива и модерна општина.
Ќе започнам со проектот за кој сум посебно горд, проектот „Зелена топлина“. Еден од нашите најзначајни проекти кој има и за цел воведување на ефикасни услуги за централно греење, базирана на обновливи извори на енергија.
Инсталиравме фотоволтаични централи кои, преку сопствено производство на електрична енергија, енергијата на сонцето ја претвораат во топлина и така ќе ги загреваме сите јавни објекти во Радовиш. Ова е капитален објект за којшто добивме исто така грант од Европската унија.
Оваа иницијатива придонесува за остварување на нашите национални енергетски и климатски цели до 2040 година, правејќи го Радовиш предводник во одржливиот развој.
Се посветивме вложувајќи во подобрување на патната и комуналната инфраструктура, бидејќи со години наназад е недоволно вложувано во оваа општинска улична мрежа, а ова особено важи за населените места.
Пробиени, изградени и реконструирани се повеќе значајни улици, меѓу кои:
– ул.Партизанска,
– ул.22ри октомври,
– улица бр.3 во Урбан блок 9,
– улица Видое Смилевски Бато со комунална инфраструктура,
– улица со атмосферска канализација во с. Ораовица,
– локалниот пат Погулево-Дамјан,
– улица Тодор Проевски,
– улица 10 во с. Калугерица,
– обиколница Радовиш-локален пат Зоран Мајсторски.
Со бехатон поплочени се повеќе улици во градот и населените места:
Злеово, Покрајчево, Јаргулица, Подареш, Ораовица, улици во цел град како на ул. Ана Поцкова, крак на ул. Јавор, крак на ул. Плачковица и ул. Коџа Баир, крак на Самоилова, крак на ул. Кирил и Методиј.
Изградени се атмосферски и фекални канализации на улиците во повеќе урбани и рурални населби: на улицата Илија Алексов, Урбан блок 15, во с. Злеово и во с. Ораовица.
Завршени се и сите подготвителни активности за реализација на проектот за подобрување на водната инфраструктура, со кој целосно ќе се реши и Урбан блок 15 со водоводна и канализациона мрежа.
Овие вложувања не само што ја зголемуваат сообраќајната и инфраструктурната безбедност, туку создаваат основа за понатамошен локален развој. Заедно градиме иднина полна со култура и инспирација.
Во тек е реконструкција и доградба на Центарот за култура „Ацо Караманов“, кој ќе биде симбол на нашата посветеност кон развојот и единството.
Започната е изградбата на модерен Градски пазар, кој ќе ги задоволи потребите на сите граѓани за современ и функционален пазар:
• Простори за трговија, катна гаража и канцеларии.
• Модерна инфраструктура, која обезбедува удобност и функционалност.
• Растеретување на сообраќајот во централното градско подрачје.
Овој проект значително ќе го подобри квалитетот на живот и ќе го промени лицето на Радовиш.
Имено така, имаме реализирано и планирано активности со кои ќе се допринесе за пристап на сите граѓани до културни и уметнички содржини, поттикнување на социјалното вмрежување и поддршка на локалните иницијативи.
Завршена е реконструкција на мултифункционалната сала за венчавки со галерија, со која создадовме простор кој ќе го служи на сите граѓани и ќе го збогати општествениот живот. А, во тек е проектот, еден од капиталните, „Реконструкција со пренамена на Стоковна куќа во мултифункционален и културен центар со музејска испостава на град Радовиш“. Целта на овој проект е општината да добие различни мултифункционални содржини, преку реконструкција и пренамена на објектот поранешна Стоковна куќа во централното градско подрачје на Радовиш, кој подолг временски период е вон употреба и како таков претставува лоша слика во центарот на градот. Оваа иницијатива ќе го врати животот во центарот на градот и ќе создаде нови можности за социјализација и културно изразување
Просторот ќе вклучува музеј, галерија, едукативни работилници за деца, зелена кровна тераса и други содржини кои ќе го поттикнат културниот и туристичкиот развој.
Општина Радовиш изработи целосна техничка документација за реконструкција и пренамена на објектот, а во завршна фаза е и тендерската постапка за изведба на прва фаза од овој проект гранд, кој што го добивме од Владата на Република Македонија.
Клучен за долгорочниот развој на нашиот град е новиот Генерален урбанистички план (ГУП). Генералниот урбанистички план не е само документ, тој е визија за градот што го сакаме утре, рамка која ќе го дефинира нашиот урбан, економски, еколошки развој во годините што следуваат.
Иако често остануваат под радарот на јавноста, проектните документации се основен предуслов за секој успешен проект. Изминатите години напорно работевме да ги поставиме темелите на идниот развој на град Радовиш и сите населени места во општината. Изработени се проектни документации за:
– уредување на дел од речното корито на Радовишка река и проект за изградба на градски рекреативен парк Воденица каде што ќе има содржини за сите граѓани
– уредување на порој и изградба на улица во населено место Воиславци;
– дел од улична мрежа и комплетна инфраструктура во УБ 15;
– уредување на речното корито во село Ораовица;
– проектно-техничка документација за изградба на нова спортска сала во ООУ Коста Рацин-Подреш;
– булеварско решение за улица Македонска;
– завршени се и сите подготвителни активност и во наредните денови ќе се заврши улицата Герас Цунев.
Овие документи не се само хартија. Тие се основа која ни овозможува аплицирање за средства од домашни и меѓународни фондови, како и почеток на големи градежни зафати. Со нив, ние го забрзуваме процесот на реализација на проекти кои ќе имаат директно влијание врз вашиот секојдневен живот.
Посебно сум горд што за голем дел од овие документи веќе се овозможија финансирања за значајни проекти, а останатите се на пат кон обезбедување средства од националните и европски фондови.
Токму еден од таквите проекти за кој имавме обезбедено проектна документација и благодарение на Министерството за спорт, кој даде поддршка од 20 милиони денари е во тек реконструкција на Спортска сала во Радовиш. Спортистите веќе од нова година ќе тренираат и одржуваат натпревари во реконструиран објект. Со оваа инвестиција треба да се врати сјајот на салата и ќе се поттикнат уште многу спортски настани во Радовиш.
Продолжуваме со сериозна поддршка на спортот во општина Радовиш. Со новиот фудбалски клуб ФК Детонит Плачковица го вративме сјајот на фудбалот во нашата општина, котирајки високо во втората македонска лига, а овозможен е и бесплатен тренинг за најмалите дечиња во фудбалот, бидејќи тренингот за најмалите е повеќе од спорт – тоа е алатка за воспитување здрави, среќни и способни личности.
Исто така во тек е реализација и реконструкција на Противпожарниот дом, проект кој вреди околу 10 милиони денари, а финансирањето е обезбедено од Бирото за регионален развој.
Една од најважните теми за иднината на нашата општина е образованието. Верувам дека образованието е темел врз кој градиме силна, иновативна и просперитивна заедница, и токму затоа вложувањето во овој сектор беше еден од нашите врвни приоритети.
Изминатиот период беше исполнет со работа, предизвици и успех. Се гордеам што можам да истакнам дека општината направи значајни чекори за подобрување на условите за нашите ученици и наставници бидејќи секоја инвестиција во образованието е инвестиција во иднината. Со подобрени услови, нашите деца имаат поголеми шанси за успех, а наставниците добиваат простор за креативен напредок.
– Општина Радовиш секоја година доделува стипендии за основното и средното образование на талентирани ученици и ученици со социјален ризик;
– Обезбедивме таблети за сите ученици од социјално ранливите категории;
– Отворивме сензорна соба во ООУ „Крсте П. Мисирков“;
– Секоја година доделуваме пакет за добредојде на првачињата;
– Во СОУ „Коста Сусинов“, воведовме нови образовни струки со што ќе ги спремаме средношколците за реалниот свет.
– Комплетно променети се енергетски ООУ „Кирил и Методиј“ како и реконструкција на санитариите.
– Пуштено е во употреба подрачно училиште во с.Калаузлија.
Почитувани сограѓани, вака би можеле уште многу да редиме, сето ова го остваривме благодарение на вашата доверба и поддршка. Ова не е крајот на нашата работа, туку почеток на ново поглавје во кое Радовиш ќе продолжи да се развива во место за гордост на сите нас.
Јас сум благодарен на можноста да бидам дел од ова патување, а заедно со вас ќе продолжиме да го правиме нашето место за живеење уште поубаво и посветло.
Тимот со кој работам, и вие како граѓани, секогаш сте биле основа на овие успеси. Без вашата доверба, поддршка и активен ангажман, ништо од ова не би било можно“ потенцира Ристов во изјавата.
-Благодарност до сите оние кои учествуваа во реализацијата на проектите, како и до моите соработници кои секојдневно вложуваат напор за подобрување на квалитетот на животот во нашата општина Радовиш, изјави Ристов.