Триесетина семејства за десетина дена треба да се вселат типските куќи кај Мирјанина црква во Штип. Објектите се веќе поставени, а во моментот се работи на поврзување со водовод, канализација и електричен напон. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска информираше дека по завршување на овие градежни активности ќе бидат сместени и семејствата кој живеат во старото нервно одделение, а дел и во центарот на градот.
-Типските куќи веќе се поставени, внатрешноста на типските куќи исто така е поставена, изградена, во моментот се работи на инфраструктурно поврзување со водовод, канализација и еллектричен напон. Така да следните неколку денови, по завршување на ова поврзување сите предвидени семејства ќе бидат вселени во типските куќи, а со тоа местата кои досега ги користеа за домување ќе бидат исчистени и ќе бидат уредени, изјави Јорданов.
Локациите каде што сега живеат семејствата кои треба да бидат сместени во типските куќи, потоа ќе бидат соодветно уредени.
-Во наредните десетина дена очекувам да се преселат семејствата во овие типски објекти, а локациите како што е старото нервно одделение, локацијата „Стојан Рибата“ практично во централното градско подрачје, исто така ќе биде расчистена и верувам дека понатаму овие локации ќе бидат атрактивни за уредување и за домување, вели Јорданов.
Тој додаде дека со уривањето на објектите каде што беа населени неколку семејства, кои ќе се вселат во овие типски куќи се овозможи да продолжи и изградба на новиот кружен тек на булеварот „Партизанска“. Доизградбата на овој булевар е во должина од околу еден километар, а претходно беше замената и главната водоводна и канализациона мрежа на овој потег.