Објавена е програмата за годинашното издание на „Прилепска празнична приказна“, настан кој оваа зима ќе го претвори градот во вистинска празнична сцена, исполнета со светлина, музика, детска радост и заедништво.
-Посебна благодарност упатуваме за учеството и коорганизацијата на нашата реномирана и општествено одговорна компанија „Витаминка“, која во наредната година ќе одбележи 70 години успешно постоење. Овој значаен јубилеј е потврда дека кога локалната самоуправа и домашните компании се обединети околу вистински вредности, резултатите се видливи и значајни за сите граѓани, истакна градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски.
Со овој нов, а сепак традиционален концепт, кој симболизира зближување, заедничка дружба и празнична радост, се воведува и еден дополнителен автентичен момент – Новогодишниот базар, со 7 големи дрвени, празнично уредени куќарки, во кои ќе бидат понудени храна, пијалоци и ракотворби, создавајќи ја онаа препознатлива атмосфера, симбол на големите европски новогодишни базари.
-Културно-уметничката и музичката програма, како и Новогодишниот базар, ќе бидат отворени секој работен ден од 17:00 до 21:00 часот, а за време на викендите со целодневна програма. Ги поканувам сите прилепчани, како и сите граѓани на Македонија, да бидат дел од оваа празнична магија во Прилеп, да уживаат во богатата програма и заедно да создадеме спомени што ќе не обединат и внесат во новата година со насмевка и позитивна енергија. Прилеп заслужува убава приказна, порача градоначалникот Проданоски.
