Пет месеци по доставувањето на барањето од Општина Битола, Агенцијата за храна и ветеринарство, денес го достави решението за одобрување на прифатилиште за бездомни кучиња. Во решението е наведено дека, објектот кој изминатата година, Општина Битола го адаптираше за сместување на бездомни кучиња, ги исполнува условите пропишани со Законот за заштита и благосостојба на животните и Правилникот за постапките за заловување, интервенции и третман на бездомните кучиња, начинот на спроведување на тестот за социјализација, начинот и содржината на податоците за водење на евиденција и начинот за вршење на надзор, условите за одобрување на прифатилиштата, формата и содржината на начинот на водење на Регистарот на одобрени прифатилишта.
Максималниот капацитет на прифатилиштето е за сместување на 55 кучиња.
Со одобрувањето на прифатилиштето од Агенцијата за храна и ветеринарство, истото е внесено во официјалниот државен регистар на прифатилишта и општината може да премине кон спроведување на завршните административни чекори за ставање во функција на прифатилиштето.
Во оваа фаза, потребно е со одлука на Совет, прифатилиштето да биде предадено на управување од страна на ЈП Комуналец, за што Советот ќе треба да ја усвои и Програмата за работа, вклучувајќи го и одобрувањето на потребните средства од општинскиот буџет за непречено работење на прифатилиштето.
Со завршувањето на овие процедури, ќе започне организираното и системско решавање на проблемот со бездомните кучиња во Битола.