Последните часови од старата 2024 година што изминува Охрид ги минува во знакот на завршните подготовки за што подобар пречек на гостите што тука ќе ја минат највеселата ноќ.
Градот е свечено украсен, особено централното градско подрачје, Плоштадот и Кејот на Охридското Езеро, каде уште од вчера е забележителна празничната раздвиженост, пред се поради гостите кои со голем број автомобили и автобуси пристигнуваат за тука да ги минат овие празнични денови.
За добро расположение кај гостите секако придонесува сончевото време со температури далеку над нулата и речиси пролетен амбиент, така што уште во текот на денот терасите од кафулињата и рестораните се полни со посетители. Празничната раздвиженост се чувствува и во Чаршијата, Кејот и уличките што водат кон атрактивните локации за фотографирање и културно-историски споменици во градот.
Новата 2025 година хотелите и сместувачките објекти на Охридската ривиера ќе ја дочекаат со речиси исполнети капацитети и распродадени аранжмани уште пред речиси две седмици. Најбројни и овојпат за новогодишните празници ќе бидат гостите од соседните земји, кои традиционално го избираат Охрид за новогодишните празници, пред се поради автентичниот амбиент и добрата забава.
Во Охрид ќе има и домашни гости, но, пред се оние кои имаат свои станови и куќи.
За добра забава на отворено вечерва ангажирани познатите уметници Каролина Гочева и Наум Петрески и миленикот на помладата генерација охриѓанецот Пајак, кои ќе настапуваат на Градскиот плоштад. Забавата на отворено за гостите во Охрид ќе започне од 20 часот со настапите на ди-џеите Гец и Фејс како и членовите на бендот „Take 5“.