Пехчево се сеќава на разорниот земјотрес кој го погоди градот пред точно 120 години. По тој повод од општината потсетија на деталите од природната катастрофа која се случила на 4 април 1904 година во 12 часот и 25 минути.
Силниот потрес бил со магнитуда од 7.8 степени според Рихтеровата магнитудна скала и интензитет од Х степени според EMSC-98, а било погодено пограничното подрачје помеѓу Пехчево и Кресна.
-Ова е најсилниот земјотрес кој се случил на копнениот дел на Балкански полуостров. Најголемиот дел од населените места околу епицентарот биле целосно разурнати, куќите биле непогодни за живеење, поради што жителите живееле во шатори и колиби. Огромни материјални штети имало и низ целата држава како и во соседството, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, каде земјотресот бил почувствуван, се вели во објавата на Сеизмолпшката опсерваторија на ПМФ која ја пренесе Општина Пехчево.
На главниот земјотрес му претходеле три умерено силни до силни земјотреси со магнитуди од 5.1 до 7.3 степени, а во афтершоковата (последователна) активност, која траела речиси две години, биле забележани уште 5 земјотреси, три во 1904 година и два земјотреси во 1905 година со магнитуди од 5.4 до 6.5 степени според Рихеровата скала.
-Бројот на загинати и повредени достигнал до околу 150 лица. Овој земјотрес се карактеризира со разни сеизмодеформации и тоа сеизмотектонски (воочливи раседи на површината на Земјата), сеизмогравитациони (одрони, клизишта и др.) и сеизмодинамички (појава на пукнатини на хоризонтални терени). Како позначајни може да ги издвоиме големите пукнатини кои ги предизвикал како во Пехчево, така и во сите останати места каде земјотресот бил почувствуван, се додава во објавата на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ по повод 120 години од земјотресот во Пехчево.
Покрај пукнатините, земјотресот предизвикал и појава на ликвифакција (феномен при кој почвата под дејство на динамичкото влијание на земјотресот ги губи своите механички својства и добива особини на вискозна средина) и избивање на топла и ладна вода на повеќе места. Се смета дека некаде таа избивала од површината нагоре до 100 м, некаде предизвикала поплави, а по одредено време истата изчезнала.