Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска додели 41 стипендија на младите спортисти. Покрај успесите во спортот, услов беше спортистите да бидат и одлични ученици. На објавениот конкурс пристигнаа повеќе од 60-тина апликации. Јорданов на денешното свечено доделување на стипендиите рече дека на овој начин општината значително ги поддржува младите спортисти кои во иднина ќе имаат многу поголем мотив за уште поголеми резултати.
-Како локална самоуправа во минатото направивме стипендирање, мотивирање на најдобрите ученици, еве со оваа мерка ги стипендираме и најдобрите спортисти, но во мерката беа ставени критериуми, за да се стипендираат и мотивира спортскиот резултат основен услов е исто така и да биде одличен ученик како критериум. Во име на транспарентноста на целиот процес беше формирана комисија составена од неколку членови, претставници од Советот на Општина Штип, претставници од новинарите, претставници од вработените во рамки на локалната самоуправа од Одделението за спорт, кои што ги разгледаа сите апликации повеќе од 60-тина на број, а вкупно 41 спортска стипендија се одобрени заради спортски резултати кои што се постигнати, рече Јорданов во своето обраќање.
Тој истакна дека тој што ќе успее во спортот, ќе биде успешен и во сите други дејности и во целиот свој живот.
-Спортот е дејност, сегмент во нашето општество кое што создава здрави вредност и јас верувам дека сетоа она кое што се вложува во спортот, резултатите од вложувањата во спортот ќе бидат видливи во нашето општество на среден и долг рок. Живееме во време кога е потребно да го трасираме патот на најмладите кон спортот затоа што тој кој ќе успее во спортот ќе биде успешен и во сите други дејности и во целиот свој живот, затоа што преку спортот го гради својот карактер, го гради својот дух, споделува радост, пораз, успех, знае да споделува колективно, тимски, така да сите придобивки од спортот сум сигурен дека како град и како општество ќе ни користат, изјави Јорданов.
Единаесет стипендии се во висина од 3.000 денари, 21 спортист ќе добијат по 4.000 денари, седум стипендии во висина од 5.000 денари и по една стипендија од по 6.000 и 7.000 денари.