Република

Јанчев: Ќе се повлече паркингот и ќе си остане зеленилото кај Силекс зградите по барање на населението

Јанчев рече дека станува збор за одговорна локална самоуправа кога се во прашање урбанистичките планови и тие никогаш не се на штета на зелени површини и на населението.

Јанчев: Ќе се повлече паркингот и ќе си остане зеленилото кај Силекс зградите по барање на населението

Ќе се повлече паркингот и ќе си остане зеленилото кај Силекс зградите по барање на населението, најави денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев во рамки на општинската седница за утврдување на детален урбанистички план кај овој дел од општината.

Претставникот на општината, Марија Данаилова информираше дека се работи за нацрт план, досега имало неколку јавни анкети и презентација, а следувало уште една презентација и анкета. Имало промени во планот, врз основа на барањата на населението.

Филип Тасев од општинската комисија за статут и прописи, се произнесе во врска со амандманите. Тој нагласи дека амандманите не се основани, бидејќи веќе има измени во планот по барање на засегнати жители во тој дел на општината.

Јанчев рече дека станува збор за одговорна локална самоуправа кога се во прашање урбанистичките планови и тие никогаш не се на штета на зелени површини и на населението.

Советникот од Левица, Круме Богевски околу четири часа часа ги презентира амандманите, кои мнозинството не ги прифаќа, нагласувајќи дека сепак во планот ќе се почитуваат желбите на населението. Советникот поднел 365 амандмани и како што вели со ова, како партија го блокираат уништувањето на делот околу таканаречените Силекс згради.

-Ќе беседам од говорница со денови, ама нема да поддржам погубен детален урбанистички план. Предлог деталниот урбанистички план за населбата Силекс во Кавадарци е погубен и во спротивност со принципите на просторно и урбанистичко уредување. Истиот предвидува нови улици на местото на постоечките паркови, како и една особено опасна нова улица, на ерозивно подрачје, веднаш до коритото на реката Луда Мара. Овој ДУП повеќекратно паѓаше на јавните анкети со граѓаните кои живеат во населбата Силекс, а до Левица пристигнаа премногу реакции, нема да останеме неми на ова своеволие, потенцира тој.

Богевски потсети дека пред околу два месеца почнаа постапка за амандманско блокирање на донесувањето на овој ДУП со 365 амандмани.

-На претходната седница за која иницијално беше најавено донесувањето на овој ДУП, предлагачот ја повлече точката од дневен ред. Беше кажано дека моите постапки се популистички и смислен обид да ја блокирам работата на општината пред парламентарните избори. Имаше шпекулации во јавноста и дека јас се обидувам да ја блокирам можноста сопствениците на околните парцели да градат објекти за индивидуално домување, што не е вистина. Левица ја поддржува секоја иницијатива на млади луѓе кои сакаат да основаат дом, но во граници на законските одредби, со цел да следните генерации живеат во хумана, здрава и безбедна средина, појаснува тој.

To top