Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски присуствува на петтиот глобален самит на Мрежата на силни градови во Кејптаун, Јужноафриканска Република, информираа денеска од Општина Куманово.
На самитот присуствуваат 220 претставници од локални и национални влади, претставници од граѓанско општество, од пет континенти од 115 града од 50 земји кои дискутираат на тема како да се спречи говорот на омраза, екстремизмот и поларизацијата. На самитот била претставена платформата за споделување иновативни пристапи за заштита на човековите права и зајакнување на социјалната кохезија во услови на последователни глобални кризи, како и начини за одржување на таквите напори.
– Ми беше огромно задоволство да ја претставам местоположбата на општина Куманово, етничката и национална структура на населението, приоритетните проблеми со кои се соочуваме и можности за нивно решавање. Исклучително важно е негативните појави да ги решаваме преку поголема соработка и координација на институциите на локално и централно ниво, истакнувајќи го подобрувањето на односите меѓу верските заедници и локалните власти, преку промовирање на иницијативи, кои ќе ги зближат различните заедници. Плодната дискусија се движеше во насока дека треба да бидеме транспарентни во справување со инциденти и промовирање на иницијативи кои ќе нè сплотат, со цел да обезбедиме инклузивна средина за сите. Од особено значење е решавање на основните социо-економски разлики кои можат да ги влошат тензиите, повисоко ниво на соработка со верските заедници, соработка со невладини домашни и меѓународни организации, како и промовирање на толеранција и разбирање, споделување на пораки за единство, споделување на знаење и добри практики, информира Димитриевски.
Глобалниот самит на „Мрежата на силни градови“ го прикажува напредокот постигнат со имплементација на приоритетните области од четвртиот Самит, кој се одржа во Њујорк во септември 2023 година.