Регион Министерство за одбрана

Зголемено присуство на воена полиција во поголемите градови во Србија

„Безбедноста на граѓаните се приоритет, а српските вооружени сили остануваат подготвени, во согласност со Уставот, законот и одлуките на државниот врв, да ги ангажираат своите сили и ресурси и заедно со другите безбедносни сили да обезбедат мирен сон на сите граѓани на Република Србија“, се заклучува во соопштението.

Зголемено присуство на воена полиција во поголемите градови во Србија

Зголемено е присуството на патроли на воена полиција на плоштадите, парковите и улиците на поголемите градови, трговските центри, железничките станици, Белградскиот саем и други фреквентни места, а врз основа на заклучоците на Советот за национална безбедност, јави дописникот на МИА од Белград.

Министерството за одбрана (МО) соопшти дека вооружените сили на Србија заедно со Министерството за внатрешни работи и безбедносните служби преземаат мерки на претпазливост и превентивни активности за зголемување на безбедноста на граѓаните, објектите и институциите на Република Србија.

Во соопштението од МО се додава дека поради оваа причина е зголемено присуството на воената полиција во поголемите градови во Србија, особено на плоштадите, парковите и улиците на поголемите градови, трговските центри, железничките станици, Белградскиот саем и други фреквентни места.

„Безбедноста на граѓаните се приоритет, а српските вооружени сили остануваат подготвени, во согласност со Уставот, законот и одлуките на државниот врв, да ги ангажираат своите сили и ресурси и заедно со другите безбедносни сили да обезбедат мирен сон на сите граѓани на Република Србија“, се заклучува во соопштението.

Ден по терористичкиот напад во Москва, во Србија се одржа состанок на Советот за национална безбедност.

Министерот за надворешни работи и прв потпретседател на Владата на Србија Ивица Дачиќ по вонредната седница на Советот за национална безбедност изјави дека засега нема сознанија дека на Србија и се заканува терористички напад и дека безбедносната ситуација е стабилна.

-Без оглед на сите предизвици со кои се соочивме, имајќи ја предвид ситуацијата во регионот, на Косово и Метохија и терористичкиот акт во Москва и различните конфликти кои постојат низ светот, безбедносната ситуација во Србија е стабилна, рече Дачиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека безбедноста на граѓаните на Србија се приоритет.

-Ќе ја сочуваме нашата земја во многу сложени геополитички околности. Задачите се поделени и ќе се извршуваат, напиша Вучиќ на Инстаграм „будуќностсрбијеав“, по седницата на Советот за национална безбедност.

Тој изјави и дека има повеќе причини поради кои е свикана седницата, дека причината за неа не е терористичкиот напад во Москва, туку дека тоа е непосреден повод. (МИА)

To top