Регион

Зетот на Трамп ќе гради луксузен комплекс на местото на Генералштабот во Белград

Компанијата на Џаред Кушнер, зет на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, планира местото каде што се наоѓа зградата на Генералштабот во Белград, уништена во бомбардирањето на НАТО, да го претвори во луксузен хотел со деловен простор и повеќе од 1.500 станови, пишува Блумберг, пренесе Бета.

Зетот на Трамп ќе гради луксузен комплекс на местото на Генералштабот во Белград

Таа информација стигна три дена откако лидерот на опозициското движење Еколошко востание Александар Јовановиќ Чута излезе во јавноста со документ за кој тврди дека е меморандум за разбирање потпишан меѓу две американски компании и владата на Србија.

Во тој документ се спомнуваат две американски компании – Atlantic Incubation Partners LLC и Kushner Realty LLC – кои би добиле локација во центарот на Белград на бесплатно користење 99 години, со можност правото на користење да се претвори во право на сопственост.

Сепак, не е јасно како компаниите споменати во меморандумот се поврзани со Кушнер, и со кој член на семејството, јави Глас на Америка.

Имено, Јовановиќ рече дека компанијата Kushner Realty е поврзана со Џонатан Кушнер, роднина на зетот на Трамп, Џаред Кушнер, чија што Кушнер Реал Естејт Груп (КРЕ) се занимава со недвижен имот. Оваа голема компанија е со седиште во Њу Џерси и постои од 1979 година.

Според достапните податоци, Kushner Realty е регистриран во државата Мериленд и е основан во март 2022 година. Глас на Америка не доби потврда од компанијата на Џонатан Кушнер дека компанијата од Мериленд е дел од големата групација КРЕ и дека ќе инвестира во Белград.

To top