Повеќе од 30 лица се повредени при уривање на настрешницата на железничката станица во српскиот град Нови Сад, јавија локалните медиуми. Несреќата се случи околу пладне.
„Повредени се над 30 луѓе, тоа е последната бројка што ја имаме, а можеби е поголема. Се уште не знаеме дали има загинати, додека не бидеме сигурни дека не можеме да кажеме ништо. Телефоните ни ѕвонат постојано. Родителите се јавуваат да прашаат за децата….Ова е катастрофа. Се трудиме што побрзо и поефикасно да дојдеме до жртвите“, јави Нова/рс повикувајќи се на изјава на извор од Службата за итни случаи во Нови Сад.
„Изразувам големо жалење што оваа трагедија се случи во Нови Сад. Градските служби во полн капацитет им се ставени на располагање на надлежните државни служби. Согласно сите процедури, откако истражните органи ќе ја завршат истрагата, ќе информираме Јавноста за понатамошните чекори Градот е во постојан контакт со надлежните органи и ќе ги преземе сите неопходни чекори Во овој момент целото наше внимание е насочено кон пружање помош на сите погодени од оваа несреќа, изјави градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
View this post on Instagram
Изведувач на реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад беше кинескиот конзорциум CRIC&CCCC („China Railway International Co.Ltd“ и „China Communications Construction Company Ltd“).
Објектот беше свечено отворен на 5 јули годинава.
Српските власти подоцна соопштија дека настрешницата не била дел од реконструкцијата.
РТС јави дека на речиси секои пет минути Брзата помош носи повредени во Клиничкиот центар. Упатен е апел до граѓаните за итно дарување крв. Кон местото на несреќата се упати и српскиот претсеател Александар Вучиќ.
Јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад води истрага заедно со полицијата, надлежните инспектори и други служби на зградата на железничката станица каде се урна настрешницата.
View this post on Instagram
„Поради трагичниот настан што предизвика загриженост во јавноста, а кој се случи на 1 ноември 2024 година во Нови Сад, кога се урна дел од зградата на железничката станица во Нови Сад, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад ја информира јавноста дека јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад излезе заради истрага“, се наведува во соопштението.
Во соработка со Полициската управа во Нови Сад и надлежните инспекциски и други служби, се преземаат сите мерки и дејствија согласно закон, со цел утврдување на сите релевантни факти и околности поврзани со причината за предметниот настан.
На железничката станица во Нови Сад денеска во 11.50 часот се урна бетонската настрешница на зградата на станицата и во оваа несреќа има повредени, соопштија од Железничката инфраструктура на Србија.