Во Тирана утре почнува тридневна Амбасадорска конференција “Diplo2025″, на која ќе учествуваат амбасадорите на Албанија низ светот, европски и меѓународни експерти, како и министри од соседните земји.
На овој настан, кој се одржува на тема „Албанија 2030 : во Европа поврзана со светот” ќе се дискутира за интеграцијата на Албанија и регионот во ЕУ, економската дипломатија и регионалните и глобалните безбедносни прашања.
На првиот ден, на кој ќе присуствуваат и премиерот Еди Рама и амбасадорот на делегацијата ЕУ во Албанија, Силвио Гонзато, работата ќе се фокусира токму на преговорите за членство.
Економските предизвици ќе бидат тема на дискусии на вториот ден, додека националната безбедност и хибридните закани ќе бидат разгледани на третиот ден од конференцијата.
„Ова е многу значајна средба на надворешната служба за да се утврдат приоритетите, да се решат клучните предизвици и да се зајакне конзуларната служба за албанските граѓани”, пренесува АТА.
Додава дека пораките што ќе бидат утврдени на оваа тридневна конференција ќе бидат главните задачи на претставниците на Албанија во земјите каде што ги извршуваат своите дипломатски должности.
Конференцијата „Дипло2025″ ќе се одржува во просториите на Централна банка на Албанија (поранешен хотел Дајти) а панел дискусиите ќе бидат затворени за јавноста.