Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, шумската површини е околу 123.000 хектари, а во последните осум години во пожарите изгореа 45.000 хектари шума, односно 37 отсто од шумската површина, пишува порталот Метео на Националната опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.
Порталот ги анализира и презентира податоците за опожарените површини од шумските пожари во последните осум години години, односно од 2017 година до сега во континенталниот дел на регионот Атика.
-Од 2017 година до 13 август 2024 година, во 13 големи пожари изгореа повеќе од 70.000 хектари, според извештаите на службата за брзо мапирање Коперник и Европската опсерваторија за шумски пожари (ЕФФИС), пишува Метео.
Според анализираните податоци, најголема површина (25.370 хектари) изгорела во 2021 година, лани изгореле 21.560 хектари, а во пожарите летово, во областа Атика, изгорената површина се проценува на нешто помалку од 10.000 хектари.