Во десетина градови во Босна и Херцеговина воздухот денеска е нездрав, а во некои опасен по здравјето, што е последица на користењето јаглен за греење и за производство на струја во голем број термоелектрани, па жителите се повикуваат што е можно помалку да бидат на отворено.
Според мерењата што ги регистрира еколошката иницијатива Зрак екоакција, најлоша состојба според мерењата е во Бања Лука, каде индексот на загаденост е 229, што спаѓа во категоријата нездрав воздух. Најповолна е состојбата во Мостар, со умерена загаденост со индекс 55. Нездрав е воздухот и во Сараево, Тузла, Травник, Илијаш и низа други градови.
Еколошката организација наведува дека во овие градови е можна појава на зголемени симптоми и интензитет на болеста кај лица со болести на срцето и дишните органи, како што е астмата. Во Бања Лука луѓето кои боледуваат од белодробни и срцеви заболувања, трудниците, децата и постарите лица мора да избегнуваат какви било активности за време на нивниот престој надвор.
Организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“ со години предупредува дека градовите во Босна и Херцеговина се меѓу најзагадените во светот во текот на зимските месеци, поради што БиХ ја има петтата највисока стапка на смртност во светот од загадениот воздух.
Според проценките на Светска банка, секоја година во земјата предвреме умираат 3.300 луѓе од аерозагадувањето, што е девет отсто од сите смртни случаи.
Главна причина за тоа е што жителите за греење користат јаглен и дрва, а најмногу струја се произведува токму со согорување на јаглен во термоцентралите. ј