Владата на БиХ прогласи состојба на природна катастрофа поради поплавите и свлечиштата што погодија дел од Федерацијата Босна и Херцеговина – Јабланица, Коњиќ, Кисељак, Фојница, Крешево и други места.
Ова денеска го соопшти вицепремиерот Војин Мијатовиќ на вонредна прес-конференција на Владата на ФБиХ во Сараево.
-Имаме 14 жртви, не шпекулирајте за бројот на исчезнати. Во овој момент во загрозените подрачја се работи на проодност и расчистување на патишта, за да можат спасувачките служби да стигнат до настраданите. На денешната вонредна седница задолжени се единиците за спасување на вода на Федералната управа за цивилна заштита, рече тој.
Мијатовиќ информира дека е формиран Кризен штаб кој ќе координира со Федералната управа за цивилна заштита.