Сите расположливи капацитети на Полициската управа на чело со директорот на полициската управа се во Цетиње со цел да се приведе осомничениот за убиството на неколку лица во Цетиње, објави во куса изјава за медиумите министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Данило Шарановиќ.
-Убиени се неколку лица, меѓу кои и сопственикот на ресторанот и некои членови на неговото семејство, како и членовите на семејството на осомничениот за убиствата, рече Шарановиќ.
Седум лица беа усмртени денеска во пукањето во Цетиње, објави порталот РТЦГ. Бројот на убиени не е официјално потврден.
Полициската управа апелира до граѓаните да бидат присебни и да не ги напуштаат домовите. Меѓу другите, убиени се: М.В., Р.М., Б.М. Повредено е и едно лице со иницијали А.М. Како што пренесува Цетињски лист, по крвава пресметка во кафаната, напаѓачот убил и двајца малолетници.
-Денеска во попладневните часови во ресторан лицето А.М.(45) со употреба на огнено оружје им одзело животи на неколку лица. Вооружен го напуштил објектот и побегнал, соопштија претходно од УП.
Според последните информации од локалните медиуми, лицето е лоцирано и опколено, а на терен се и специјални полициски сили.
Претходно, Владата на Црна Гора прогласи тридневна жалост од утре за трагедијата во Цетиње. Премиерот Милојко Спајиќ побара вечерва да се откажат сите настани на отворено низ државата.