Регион

Српското МВР демантира дека малтретирала и соблекувала по долна облека мигранти на границата со Северна Македонија

Српското МВР демантира дека малтретирала и соблекувала по долна облека мигранти на границата со Северна Македонија

Министерството за внатешни работи на Србија денеска ги демантираше наводите во медиумите дека нивни припадници тепале мигранти, пуштале службени кучиња врз нив, кои ги искасале, по што ги соблекле во долна облека и ги принудиле да се вратат во Северна Македонија пеш, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во врска со предметното видео (објавено од Гардијан), нагласуваме дека Управата за гранична полиција добила барање од граничните власти на Северна Македонија за изјава во врска со два настани во селото Лојане на територијата на Северна Македонија, каде што во текот на ноќта и утрото тој ден биле пронајдени две групи нерегуларни мигранти, кои тврделе дека српските полицајци наводно ги тепале, им дозволиле да ги нападнат службени кучиња, кои ги искасале, по што ги соблекле во долна облека и ги принудиле да се вратат пеш во Северна Македонија, стои во соопштението на МВР.

Како што се додава, српската полиција веднаш по добивањето на барањето извршила проверки во Регионалниот центар на граничната полиција кон Северна Македонија и утврдила дека во тој момент на наведеното подрачје немало патроли на српска полиција.

– Потенцираме дека Управата за гранична полиција не користи службени кучиња во вршењето на надзор на државната граница, ниту ги поседува во рамките на својата организациона единица и дека нема потврда дека предметните настани се случиле на територијата на Р. Србија, се наведува во соопштението.

Во врска со овие наводни настани, Управата за гранична полиција побара дополнителни информации од надлежните органи на Северна Македонија.

За потсетување е, наведуваат од МВР, дека од 13 јануари 2023 година, припадниците на Управата за гранична полиција ја надгледуваат државната граница меѓу Србија и Северна Македонија со помош на полициски службеници од Австрија и Унгарија, во рамките на трилатералниот меморандум за соработка.

-Потенцираме дека припадниците на австриската и унгарската полиција досега не пријавиле инциденти или злоупотреби од страна на српската гранична полиција во нивните задачи за следење на државната граница, соопшти МВР.

Британскиот весник „Гардијан“ на својата веб-страница објави видео од група мажи во долна облека како шетаат по патот на студ и во темница. Според Гардијан, станува збор за мигранти на кои српската полиција им ја соблекла облеката и ги принудила да се вратат во Северна Македонија.

Гардијан наведува дека не можел независно да ја потврди содржината на двете видеа и дека ги добил преку невладината организација Легис од Северна Македонија. Според тврдењата на оваа организација, снимките се направени во близина на селото Лојане во близина на границата со Србија и се предадени на организацијата на 10 февруари.

To top