Словенечката влада денеска започна постапка за признавање на државата Палестина како облик на притисок за прекин на конфликтот во Газа, објави денеска словенечкиот премиер, Роберт Голоб, цитиран од британски медиуми.
-Ужасите што ги гледаме секој ден во Газа се неподносливи и мора да престанат. Го повикувам Израел веднаш да ги прекине нападите врз Газа и да ја искористи преговарачката маса, рече Голоб на владиниот профил на социјалната мрежа „Икс“.
Голоб истакна дека би сакал словенечкото признавање на Палестина да биде „поттик за забрзување на овие преговори“ и да се забрза дијалогот во Обединетите нации за итен прекин на огнот, ослободување на заложниците и безбедноста и постоењето на Израел преку решение за две држави.
Веста доаѓа поради извештаите дека Ирска, Шпанија и неколку други земји од ЕУ размислуваат за признавање на палестинска држава на 21 мај, според ирската државна телевизија.
-Датумот кога Словенија ќе ја признае Палестина ќе зависи од успехот на мировните преговори, но најдоцна до 13 јуни, рече словенечкиот премиер.
Доколку преговорите успешно завршат порано, Словенија побрзо ќе ја заврши процедурата за признавање.