Театрите во Грција денеска ќе бидат затворени, откако актерите, организирани од нивните здруженија започнаа штрајк, барајќи да се потпишат колективни договори, јави дописничката на МИА од Атина.
Во штрајкот во кој учествува и Сојузот на музичари, поддржан е од сите здруженија и сојузи на вработените во театрите, а од Здружението на грчките актери соопштија дека борбата за колективни договори е заедничка и се однесува на сите, паралелно повикувајќи на масовно учество што засега, како што информираа, достигнува над 70 отсто.
– Продолжуваме со штрајк во целиот сектор, водејќи борба за потпишување колективен договор, што може да се постигне само доколку го потпишат двете големи здруженија на работодавци. Не отстапуваме. Бараме: колективен договор за работа, задолжителен и применлив за целиот сектор, плата од 1.250 евра за пет до осум претстави, дневница од 65 евра за една до четири претстави, платени проби со плата и целосно социјално осигурување, соопштија од Здружението на грчките актери.
Ова е втор штрајк на актерите во изминатиот месец, со оглед на тоа што првиот се одржа на 5 декември.
Паралелно, актерите најавија и протест во 19 часот во центарот на Атина.