По средбата што попладнево ја имаше со косовскиот премиер Албин Курти, американскиот амбасадор изјави пред новинарите дека Вашингтон е загрижен и има резерви во врска со спроведувањето на регулативата на ЦБК и смета дека ова прашање „бара поголема грижа и дијалог“.
Тој изрази уверување дека новата регулатива на ЦБК ќе има влијание врз секојдневниот живот на српските граѓани во земјата и дека стравува оти се можни етнички тензии.
– Не знам како да се избегне барем фрустрацијата на граѓаните од спроведувањето на одлуката. Да го земеме примерот на еден пензионер кој добива парична помош. Тој е навикнат на овој систем. Претпоставувам дека отишол во одреден момент за да ја добие помошта. Како ќе ја добие оваа придобивка? Што ќе се случи со него? Постарата личност може да биде шокирана поради ова… Мислам дека може да има тензии од луѓе кои ќе се чувствуваат лишени од помошта од која зависат. Никој не сака такво нешто, рече Ховениер, додавајќи дека САД се надеваат оти Владата на Косово може да најде преодно решение.
Властите во Косово потврдија дека од денеска стапува во сила регулативата на Централната банка, со која се предвидува еврото да биде единствената валута за готовински плаќања во земјата, но ја оставија отворена можноста за преоден период за решавање на загриженоста на српската етничка заедница во Косово, која продолжува да го користи српскиот динар.
Одлуката на косовската Централна банка за укинување на динарот, поддржана и од Владата на Косово, предизвика загриженост и реакции кај српската етничка заедница во земјата и кај официјален Белград, но и кај меѓународната заедница, која воглавно бара да се обезбеди подолг транзиционен период за нејзина имплементација, како и изнаоќање решение за овој проблем во рамки на дијалогот меѓу Косово и Србија.