Бугарскиот претседател, Румен Радев ѝ го додели мандатот за формирање нова Влада на досегашната министерка за надворешни работи Марија Габриел од централнодесничарската коалиција ГЕРБ-СДС.
Согласно договорот за поделба на власта меѓу двете главни политички партии секоја од нив ќе има свој премиер девет месеци.
Двете партии постигнаа договор за поделба на власта по минатогодишните избори во обид да стават крај на 2,5-годишната политичка криза, да ја вратат стабилноста и да го поттикнат економскиот развој во најсиромашната земја-членка на Европската унија.
Досегашниот премиер Николај Денков од реформската коалиција „Промените продолжуваат“ на почетокот на март се повлече од функцијата по девет месеци, со што го отвори патот за именувањето на Габриел.
Беше најавено и дека таа во новата влада ќе го задржи ресорот надворешни работи, што аналитичарите го гледаат како гаранција дека Бугарија ќе остане на својот прозападен пат.
Габриел има рок од седум дена да го назначи новиот кабинет, кој потоа мора да биде потврден со гласање во бугарскиот Парламент.