Протестот на опозицијата пред градското собрание на Тирана, проследен со фрлање молотови коктели врз зградата на локалната власт на албанската метропола, заврши со порака за нов протест в четврток.
Не изостанаа и обиди насилно да се влезе во објектот со пробивање на полицискиот кордон, а беа фрлани и други предмети, поради што зголемено беше полициското присуство, а интервенираше и противпожарна екипа.
Според албанските медиуми, приведени се најмалку три лица, а пред објектот се стручни екипи кои прибираат докази.
– Протести пред општина Тирана се додека крадецот (Ерион Велиај) не си замине. Бараме да реагираат и меѓународните претставници за кражбите и корупцијата во која е потоната државата, порачаа организаторите.
Ова е четврти протест организиран од побројното крило на опозициските демократи „Иницијатива за обнова на ДП”- приврзаници на Сали Бериша, поддржани од Партијата на слободата на поранешниот претседател Илир Мета и Алијансата за заштита на театарот.
Тие бараат оставка на градоначалникот Ерион Велиај по откривањето на скандалот „5Д“ за злоупотреба на државни средства, за што, по налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, се уапсени десетина високи раководители во општината, блиски соработници на Велиај, кој ги отфрла сите обвинување за негова вмешаност. (МИА)