Регион грција

Притворен сопственикот на фабриката за бисквити во грчкиот град Трикала за експлозијата во која загинаа пет работнички

Мерка притвор му е одредена на сопственикот на фабриката за бисквити „Виоланда“ во грчкиот град Трикала за експлозијата на крајот на јануари во која загинаа пет работнички, јави дописничката на МИА од Атина.

Притворен сопственикот на фабриката за бисквити во грчкиот град Трикала за експлозијата во која загинаа пет работнички

Мерка притвор му е одредена на сопственикот на фабриката за бисквити „Виоланда“ во грчкиот град Трикала за експлозијата на крајот на јануари во која загинаа пет работнички, јави дописничката на МИА од Атина.

По вчерашниот маратонски исказ пред истражен судија и обвинител во Трикала, сопственикот Константинос Ѕиорѕиотис е пренесен во затвор, а според грчките медиуми, во одбраната се обидел да објасни дека како човек кој управува и раководи со компанија со многу голем профит не можел да има познавања за техничките прашања, за кои имал соработници – машински, градежни и електроинженери и имал доверба во нив.

Како што објави државната телевизија ЕРТ, изјавил дека е потресен од експлозијата и од загубата на петтемина негови работнички, рекол дека не знаел дека постои таква опасност, а одговорноста ја префрлил на оние кои ги потпишале студиите и елаборатите на компанијата и се оградил од одговорноста за она што се случувало во фабриката.

Според сведоштвата на вработените, мирисот на пропан бил присутен извесен период пред експлозијата за што информирале и сигнализирале до надлежните, а сопственикот во исказот рекол дека за тоа дознал доцна.

ЕРТ објави дека и безбедносните мерки во објектот што беше срамнет со земја од експлозијата биле, како што произлегува и од студијата за противпожарна заштита, недоволни, односно не постоел автоматски систем за детекција на пожар, ниту автоматски систем за откривање експлозивни материјали, а наместо автоматско ладење функционирал само едноставен детектор и рачен систем за пријавување пожар.

Обвинението за сопственикот на „Виоланда“ опфаќа предизвикување експлозија со евентуална умисла и повеќекратно убиство од небрежност.

Вчера, додека Ѕиорѕиотис даваше исказ, пред Основниот суд во Трикала се собраа вработени во индустријата, изразувајќи му поддршка, додека пак во вторникот 256 вработени потпишаа текст, исто така со поддршка за сопственикот.

По експлозијата беа спроведени проверки и на другите две фабрики на Виоланда, едната е затворена, а третата продолжува со работа.

Експлозијата во фабриката за бисквити се случи на 26 јануари за време на ноќната смена со 12 вработени, при што животот го загубија пет работнички, а останатите беа полесно повредени.

Според истрагата на Дирекцијата за истрага на кривични дела поврзани со подметнување пожари (ДАЕЕ) на противпожарната служба на Грција, причината за експлозијата е подземното повеќемесечно истекување на пропан што дошол во контакт со искра предизвикана од електромеханичка опрема во фабриката.

Најнови вести од Регион

To top