Регион

Приближно 150 литри дожд на квадратен метар регистрирани во невремето во Атина

Приближно 150 литри дожд на квадратен метар регистрирани во невремето во Атина

Во големото невреме што во средата попладне ја зафати областа Атика, поширокиот регион на Атина, биле регистрирани големи количини дожд, што во една населба достигнале до 173,8 литри вода на квадратен метар, што е речиси трипати повеќе од месечниот просек на дожд во грчката метропола, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Националната опсерваторија на Атина и на порталот „Метео“ ги објавија податоците од 543 метеоролошки станици за вкупните количини врнежи до 23.40 часот во средата.

– Врз основа и на прогнозите, како и подоцнежните мерења од метеоролошките станици, на мрежата на автоматските метеоролошки станици на Националната опсерваторија на Атина и на порталот „Метео“ беше потврден индексот на опасност од појава на врнежи од категорија 5 бидејќи беа регистрирани многу големи количини дожд, главно во Атика, источен Пелопонез и на Евија – соопштија од Опсерваторијата.

Најголемите количини врнежи до вечерните часови во средата биле измерени во атинските населби во северниот дел на градот Папагу (173,8 литри на квадратен метар), Номисматокопио (148,4 литри на квадратен метар) и во Халандри (148 литри на квадратен метар), а во пет други населби дождот бил меѓу 135,6 и 145,2 литри на квадратен метар.

Според метеоролозите во Грција, во Атина во зимскиот период количината дожд на месечно ниво е 50-60 литри на квадратен метар, што значи дека само за неколку часа во средата беше регистриран дожд, трипати поголем од месечниот просек.

Во силното невреме во Атина животот го загуби 56-годишна жена во обид пеш да ја помине поплавената улица, а поројниот дожд предизвика и материјална штета, а од вчера во двете атински општини што беа најпогодени прогласена е вонредна состојба.

Заменик-министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција, Костас Кацафадос, денеска ќе ги посети општините погодени од невремето и ќе одржи состанок со градоначалниците за штетите и нивна санација.

Теми на денот

To top