Предизборната кампања за републичките, покраинските, белградските и локалните избори во Србија влегува во завршна фаза, а в четврток на полноќ стапува на сила изборниот молк што завршува в недела во 20:00 часот со затворање на избирачките места.
В недела, на 17 декември, 6.500.165 запишани избирачи ќе можат да го остварат своето право на глас на едно од вкупно 8.273 избирачки места.
Србите од Косово ќе гласаат на избирачките места во јужниот дел на централна Србија – во Врање, Куршумлија, Рашка и Тутин.
Граѓаните на Србија во странство може да го сторат тоа на 81 избирачко место што ќе бидат отворени во 31 земја.
Поради временската разлика в сабота ќе се организира гласање во Португалија, Велика Британија, САД и Канада, додека во останатите земји ќе се гласа в недела.
На републичките избори гласачите ќе можат да избираат од 18 листи со вкупно 2.817 предложени кандидати за 250 пратенички места. Утврдени се 13 изборни листи за покраински избори, 14 за избори за градско собрание на Белград, а локални избори ќе се организираат во вкупно 65 градови и општини.
Изборниот молк е од 14 декември на полноќ до 17 декември во 20:00 часот. Избирачките места се отвораат во 7:00 часот, а затвораат во 20:00 часот.