Претседателот на албанската Централна изборна комисија (ЦИК), Илирјан Целибаши, за првпат изјави дека во текот на изборните денови и по нив, веб-страницата на ЦИК повеќе пати била цел на кибер напади, кои според него биле сите однадвор и не биле случајни, туку организирани.
– Платформите на ЦИК, вклучително и платформата за регистрација, беа цел на кибер напади. Комунициравме со надлежните институции, одговорни за кибер безбедноста и оние поврзани со законско гонење, секогаш кога беа идентификувани. Не беа аматерски напади, туку организирани и софистицирани, неслучајни, сите од странство, рече тој.
Во однос на гласањето на дијаспора, тој наведе дека гласачи биле регистрирани од 85 земји низ целиот свет, покривајќи ги сите континенти.
– Не можевме да испратиме изборна документација само во Русија, 16 гласачи кои се во Москва. Од вкупно 245.935 лица во дијаспората 10.156 не ја добиле изборната документација поради грешки во адресата. Гласаа околу 90 отсто од оние кои ја примиле документацијата, посочи тој.
Во однос на обвинувањата на опозицијата за изборни манипулации тој нагласи дека може „опозицијата може да продолжи со правна битка“.
Во меѓувреме лидерот на опозицијата Сали Бериша порача дека земјата мора „под итно да добие техничка влада која ќе спроведе слободни и демократски избори“.