Регион Србија

Опозицијата во Србија бара реакција од парламентот за настаните на Косово

Опозицијата во Србија бара реакција од парламентот за настаните на Косово

Дел од опозицијата во Србија бара од републичкиот парламент реакција по настаните на Косово – формирање анкетна комисија и итно закажување специјална седница на Народното собрание.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица во близина на селото Бањска, во општината Звечан на северот на Косово. Во конфликтот загинаа еден полицаец и тројца српски напаѓачи.

Пратеничката група на опозициската Демократска партија (ДС) на 27 септември поднесе барање до Собранието на Србија за формирање на Анкетна комисија која ќе ги утврди сите детали поврзани со случајот.

Пратеникот на ДС, Срѓан Миливојевиќ за агенцијата Бета изјави дека Анкетната комисија ќе треба да ја утврди и „улогата на потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, во тие настани“.

„Како Милан Радоичиќ, во име на Република Србија, имаше улога во формирањето на неформални структури на моќ? Дали учествуваше во формирањето на криминална организација“, праша Миливојевиќ.

Групата која ја нападна косовската полиција, како што тврди официјална Приштина, ја предводел потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ.

Приштина овие тврдења ги темели на видео снимки снимени со дрон во неделата, кои ги објави косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља, тврдејќи дека на нив се гледа Радоичиќ.

Во Србија на овие тврдења реагираше само министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ кој изјави дека видеото „очигледно“ не е направено на денот на нападот на северот на Косово.

Исто така, на 27 септември десничарските опозициски партии во Србија побараа итно закажување специјална седница поради „драматичната ситуација“ на Косово, пренесува Данас.

Својата иницијатива ја оправдуваат со тврдење дека политиката на претседателот на Србија на Косово е колабирана по последните трагични настани.

Косовските власти ја обвинуваат државата Србија дека е одговорна за нападот, што Белград го негира.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можат да го издржат теророт на Курти (косовскиот премиер Аљбин Курти).

Многу членки на Европската унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска, соопштија дипломатски извори на Радио Слободна Европа (РСЕ), без да го прецизираат бројот на инволвирани земји.

Најнови вести од Регион

To top