Централната банка на Косово (ЦБК) објави дека бројката на банкноти од 500 евра што граѓаните ги депонирале во деловните банки, а потоа и во ЦБК, како пари повлечени од оптек, надминала 180.500 парчиња, достигнувајќи вредност од преку 90 милиони и 250 илјади евра, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ова, како што соопшти ЦБК, е еден од директните ефекти на Правилникот за готовинско работење од неговото донесување, „придонесувајќи за постигнување на целта за финансиски систем со интегритет и помагајќи ја националната стратегија против информалноста и сродните појави“.
Правилникот за готовинско работење, меѓу другото, ги обврзува сите банкарски и небанкарски финансиски институции да прекинат со рециркулација на банкнотата од 500 евра кај нивните клиенти.