Српскиот претседател Александар Вучиќ на конференцијата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека српските вооружени сили професионално ги извршувале своите задачи.
– Што се однесува до Армијата на Србија, таа професионално ги извршуваше своите задачи. Никогаш не ги надминала своите права и овластувања. Секогаш имала коректни односи со КФОР и НАТО. А, каде и како, согласно Уставот на Република Србија и законите на оваа држава и без да загрозиме никого, на никаков начин, ќе ја распоредиме нашата војска, тоа е наша работа.
Претседателот истакна дека Србија е воено неутрална земја и дека не добиваат наредби од никого.
-Се знае кој раководи и командува со српската војска. Како врховен командант на вооружените сили ќе испратам барање до Владата на Србија да ја разгледа одлуката за продолжување на вежбите со нашите партнери.
Столтенберг се заблагодарил за гостопримството, велејќи дека Србија е важен регионален партнер.
„Разговаравме и за можноста повторно да започнеме заеднички воени вежби. Со нетрпение очекувам да ја зајакнеме нашата соработка“, навел Столтенберг, пренесе „Блиц.рс“.
Како што рече, со Вучиќ разговарал и за ситуацијата на Косово. Тој додава дека НАТО испратил дополнителни 1.000 војници на Косово.
„Сметам на сите страни да ги намалат тензиите и да се воздржат од ескалирани постапки“, подвлекол генералниот секретар на НАТО. „Ги повикувам Белград и Приштина на дијалог, тоа е единствениот пат до стабилност“, заклучи тој.