Регион нападнал полицајци

Хорор во Хрватска: Жена го пријавила братот за насилство, починал додека го апселе

Поради околностите под кои настапила смртта, државниот обвинител наредил судска обдукција.

Хорор во Хрватска: Жена го пријавила братот за насилство, починал додека го апселе

За време на рутинска полициска интервенција поради пријава за семејно насилство, во саботата навечер во местото Пекленица, Меѓумурје, почина маж.

Околностите на смртта на 51-годишниот маж ќе бидат утврдени со обдукција, потврди Полициската управа на Меѓумурје.

Според портпаролот на Полициската управа на Меѓумурје, Радован Гачал, полицијата реагирала на местото на настанот откако сестрата на починатиот пријавила дека нејзиниот една година помлад брат Б.С. ја злоставувал.

Полициските службеници го затекнале мажот како вербално ја злоставувал својата сестра, а тој продолжил со своето насилно однесување и откако пристигнале полициските службеници.

Ситуацијата на местото на настанот брзо ескалирала. Мажот почнал да ги навредува и да им се заканува на полицајците, а потоа физички нападнал еден од нив, нанесувајќи му полесни повреди, јавуваат хрватските медиуми.

Поради агресивноста и нападот, полицајците морале да употребат средства за присила, физичка сила и врзување.

Во моментот на примена на сила, на крупниот маж одеднаш му се слошило. Забележувајќи дека неговата здравствена состојба се влошила, полицајците веднаш го прекинале приведувањето, му ги извадиле лисиците и започнале со реанимација.

Набрзо пристигнала итна медицинска помош, но и покрај напорите на медицинскиот тим, мажот починал.

Иако судскиот вештак по увидот на лице место утврдил дека починатиот немал физички повреди, поради околностите во кои настапила смртта, државниот обвинител наредил судска обдукција. Неофицијални извори сугерираат дека починатиот имал сериозни здравствени проблеми, вклучително и склоност кон алкохол.

Началникот на Полициската управа во Меѓумурје формирал експертски тим кој преку стандардни процедури ќе утврди дали постапките на полицајците за време на интервенцијата биле во согласност со законот.

To top