Грчките земјоделци повторно излегуваат на протест, најавувајќи масовни блокади на патишта и гранични премини поради доцнење и делумна неисплата на земјоделските субвенции што им следуваат од државата. Според земјоделските здруженија, дел од средствата што требало да бидат исплатени во текот на есенскиот период сè уште не се префрлени, што предизвикало големи финансиски проблеми за производителите во период кога трошоците за гориво, ѓубрива и работна сила се значително повисоки.
Претставници на земјоделските федерации изјавуваат дека повеќе пати барале средби со Министерството за земјоделство, но оти не добиле конкретен одговор за тоа кога ќе бидат исплатени субвенциите. Тие предупредуваат дека, доколку државата не достави јасен план за исплата, протестите ќе се прошират низ целата земја, а на удар ќе бидат клучни сообраќајници, пристапни патишта кон големите градови и неколку гранични премини кон соседните држави.
Земјоделците велат дека не сакаат конфликти, но дека се приморани да се одлучат на вакви чекори бидејќи, како што велат, „производството е на работ на опстанок“. Дополнително, тие бараат и зголемена поддршка за компензација од штети од климатски промени и поефикасна работа на фондовите за осигурување на земјоделското производство.
Министерството засега апелира на трпение, најавувајќи дека исплатите ќе започнат наскоро, но без да прецизира точни датуми, што дополнително ги разгневува земјоделците. Широките блокади, доколку се реализираат, би можеле да создадат сериозни проблеми во транспортот и снабдувањето во целиот регион.