Преку амандман од Министерството за внатрешни работи, грчката Влада предлага поштенското гласање да важи и за парламентарните избори, но само за Грците кои живеат во странство, нешто што предизвика негативни реакции од опозициските партии, јави дописничката на МИА од Атина.
Од вчера, во грчкиот Парламент во тек е расправа за предлог- законот за гласање по пошта што ќе важи само за евроизборите и референдумите во земјата, ги опфаќа и Грците кои живеат во странство за кои ова ќе биде и единствената опција, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да одберат како ќе го остварат правото на глас, или на избирачките места како досега или со поштенско гласање, под услов навремено да се пријават на соодветната платформа за оваа намена.
Сега, на овој закон се додава и амандманот со кој на Грците во странство им се дава можност освен на евроизборите и на референдумите, да гласаат по пошта и на парламентарните избори.
За да биде изгласан конкретниот амандман потребно е двотретинско мнозинство, односно најмалку 200 пратеници, што значи дека освен од владејачката партија, потребна е поддршка и од опозициските партии.
Министерката за внатрешни работи на Грција Никис Керамеос истакна дека ова е демократски долг и историска шанса и затоа голема е одговорноста што ја има секој пратеник без разлика од која партија е.