Тој посочи дека изминативе неколку месеци видовме сериозни насилни инциденти во Косово, како нападот врз мировниците на НАТО, при што беа повредени 93 војници, а потоа и инцидентот во Бањска во кои имаше и загинати.
– Ова се сериозни предизвици со кои се соочуваме во Косово и важно е сите страни да работат на деескалација, преку намалување на тензиите и на подбуцнувачката реторика, што може да ги зголеми тензиите. Тоа беше мојата порака при неодамнешните средби во Приштина и Белград, истакна Столтенберг.
Според него, Косово е пример за тоа како ЕУ и НАТО работат заедно, при што Унијата е задолжена за дипломатските напори, а Алијансата за безбедноста.
– Верувам дека предлогот за формирање на Заедницата на општини со мнозинско српско население би можело да биде чекор напред во обидите за изнаоѓање решение и за постигнување напредок во дијалогот што се води со посредство на ЕУ, изјави Столтеберг.
Прашан дали се планира испраќање дополнителни трупи на Алијансата во Босна и Херцеговина, Столтенберг изјави дека НАТО веќе има 5000 војници во земјата, но примарно како поддршка на Силите на ЕУ во БиХ – ЕУФОР/Алтеа.
Тој потсети дека неодамна ОН го продолжија мандатот на силите на ЕУ, додавајќи дека доколку тоа не се случеше, тогаш НАТО ќе размислуваше да испрати свои војници во БиХ.
– Не смееме да дозволиме безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина и затоа силно го поддржавме пордолжувањето на мандатот на ЕУФОР/Алтеа, додаде Столтенберг.