Регион Мамер изјави

ЕУ жали поради забраната за користење на српскиот динар во Косово без претходни консултации

– Оваа одлука може да има последици врз српската и врз другите заедници во Косово. Комисијата е посебно загрижен поради нејзините последици врз училиштата и болниците, бидејќи таа во моментов очигледно не остава простор за други алтернативи, рече Мамер.

ЕУ жали поради забраната за користење на српскиот динар во Косово без претходни консултации

Европската комисија изразува жалење што последната одлука на косовската Централна банка за забрана на користењето на други валути во Косово освен еврото, предвидена да стапи во сила од 1 февруари, беше донесена без претходни консултации, изјави денеска главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер.

– Оваа одлука може да има последици врз српската и врз другите заедници во Косово. Комисијата е посебно загрижен поради нејзините последици врз училиштата и болниците, бидејќи таа во моментов очигледно не остава простор за други алтернативи, рече Мамер.

Според Мамер, како што јави дописникот на МИА од Брисел, ЕК не ја осудува одлуката за воведување на еврото во Косово, туку само изразува загриженост поради тоа што таа е донесена без претходни консултации и поради последиците и ризиците што може да ги има.

-Во моментов има институции, вклучително и училишта и болници, кои функционираат во друга рамка, добивајќи финансиска поддршка од Србија и ним им треба време со цел да се прилагодат, рече главниот портпарол на ЕК.

Мамер нагласи дека ЕУ многу јасно му посочила на Косово изминативе денови дека одлуката на Централната банка ќе влијае врз финансиската поддршка што овие институции ја добиваат од Србија и дека ќе беше соодветно пред да биде објавена, за неа да се разговараше во рамки на дијалогот Белград-Приштина за да се најде практично решение.

Тој додаде дека ЕУ ја поддржува претходно дадената изјава на Европската служба за надворешни работи, преку нејзиниот портпарол, за воведување преоден период за стапување во сила на оваа мерка.

-Комисијата го повикува Косово да одреди доволно долг преоден период за да се најде решение преку преговори во рамки на дијалогот што се води со посредство на ЕУ, истакна Мамер.

Повикот на ЕУ за воведување доволно долг преоден рок за примена на одлуката за забрана на користењето на други валути во Косово освен еврото, со цел да се најде решение за ова прашање по пат на преговори, во понеделникот го упати портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на писмото на амбасадорите на „Квинтата“ упатено до косовскиот премиер Албин Курти со кое се бара одлагање на примената на оваа одлука, Стано истакна дека ЕУ е свесна за последиците што таа ќе ги има врз припадниците на српската заедница во Косово.

-Оваа одлука ќе има влијание врз секојдневниот живот на огромното мнозинство косовски Срби кои примаат плати или финансиска помош од Србија во српски динари. Затоа имајќи ги предвид потенцијалните последици од оваа одлука врз процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија, очекуваме дека оние аспекти кои се однесуваат на српската заедница ќе бидат опфатени со дијалогот што се води со посредство на ЕУ, изјави Стано.

Најнови вести од Регион

To top