Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, изјави дека ЕУ нема да се изјасни за изборите во Србија се додека мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Канцеларијата за човекови права и демократски институции (ОБСЕ/ОДИХР) не ги презентираат прелиминарни резултати, јави дописникот на МИА од Белград.
-Изборите ги следевме многу внимателно и секогаш се воздржуваме од коментари додека ОБСЕ/ОДИХР не даде прелиминарна оценка, која ќе биде подоцна попладнево, изјави Писонеро на брифингот за медиумите.
Од друга страна, сенаторот на Руската Федерација и шеф на набљудувачката мисија на Интерпарламентарното собрание на Заедницата на независни држави, Дмитри Василенко, синоќа изјави дека мисијата не забележала сериозни нерегуларности за време на парламентарните и локалните избори во Србија и оти тие се одвиваат во фер и коректна атмосфера.
Василенко рече дека мисијата дошла на покана на Републичката изборна комисија, дека членовите на таа група ги набљудувале изборите на 17 избирачки места во Белград и оти не забележале сериозни нерегуларности.
-РИК и локалните изборни комисии ги создадоа сите услови за изразување на слободната волја на граѓаните. Гласачите покажаа високо ниво на доверба во структурите што ги спроведоа изборите. Подготовката и одржувањето на вонредни избори за пратеници во српскиот Парламент беа во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди за одржување на демократски избори, рече Василенко и додаде дека за сето тоа сведочи високиот одѕив на изборите.