Европската Унија испрати силен сигнал до Тирана: 33,5 милиони евра од програмата ИПАРД 2 мора веднаш да се вратат, откако беа „нерегуларно искористени во текот на периодот 2020 – 2022 година“, јави „Лајме јаворе“.
-Истрагата на Европската канцеларија за борба против измами (OLAF) откри 52 случаи на злоупотреба на земјоделските фондови што ЕУ ги обезбедува за албанските земјоделци и земјоделско-прехранбениот сектор, наведува весникот во написот под наслов „Скандал! ЕУ откри масовна злоупотреба: Албанија треба да врати 33,5 милиони евра“.
Весникот пренесува изјава на Европската комисија дадена за А2 CNN во која категорично се нагласува дека секој износ на средства што се користи на нерегуларен начин ќе биде вратен, додавајќи дека „Албанија мора да го третира ова прашање со најголема сериозност.“
-Уште полошо: Албанија има негативен рекорд во регионот, дури и над Турција, за злоупотребените средства. Во меѓувреме, ЕУ ги суспендираше и средствата од ИПАРД 3 – вкупно 146 милиони евра, од кои 112 милиони доаѓаат директно од Брисел. Доколку Албанија итно не спроведе корективни мерки, ризикува да ги изгуби сите средства до 2027 година, наведуваат локалните медиуми.
Според нив, Комисијата потврдува дека во тек е билатерална постапка за да се види дали албанската влада ќе успее да ја врати довербата во институциите на ЕУ.
Во меѓувреме, прашањето го презеде и албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), кое истражува злоупотреби, како и тоа кој се бил корисник на средствата од ИПАРД.