Европската комисија ја одобри Реформската агенда на Босна и Херцеговина во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан, што е клучен услов за доделување на средства за земјата преку Инструментот за реформи и раст на ЕУ во износ до 976,6 милиони евра.
БиХ како последна меѓу земјите од Западниот Балкан ја достави својата Реформска агенда на одобрување до Европската комисија, на 30 септември годинава. Реформските агенди на останатите држави од регионот беа одобрени лани во октомври, а во меѓу време на Скопје и на Подгорица им беа исплатени две транши од предвидените средства со Инструментот, а на Тирана една.
Согласно процедурите, Босна и Херцеговина сега треба да ги потпише и ратификува договорите за Инструментот за реформи и раст и за заеми, по што ќе може да очекува одлука за исплата на средства од ЕУ, доколку ги исполни сите предвидени услови.
Реформска агенда на БиХ ги утврдува приоритетните реформи на земјата за забрзување на зелените и дигиталните транзиции, поттикнување на развојот на приватниот сектор, спречувањето на одлив на таленти и зајакнување на основните права и владеењето на правото.
Планот за раст на Западниот Балкан има за цел приближување на земјите од регионот до Европската Унија, преку инвестиции во вкупна вредност од шест милијарди евра во инфраструктурни проекти и за спроведување на неопходните реформи за нивно приближување до стандардите на ЕУ.
Услов за исплата на средствата е исполнување на обврските утврдени со реформските агенди, кои се однесуваат на реформи во областа на фундаменталните и социо-економските прашања.
Планот обезбедува и подготовка на земјите од регионот за приклучување кон Единствениот европски пазар, со што ќе им се овозможи на граѓаните од Западниот Балкан да почувствуваат некои од придобивки од интеграцијата во ЕУ уште пред членството на нивните држави во блокот. (МИА)