Албанскиот премиер најави забрана за „талава“ музика на албанските плажи. Ги нападна и домашните, албански туристи за хаосот и загадувањето на плажите.
Според Рама, токму туристите кои зборуваат албански, „а сакаат да одат во војна со Србија на стадион“, се најголемите загадувачи на албанските плажи.
„Не се туристите што зборуваат англиски, шпански или италијански тие што ни ги оставаат плажите во хаос. Туку нашите – тие што се декларираат како најголеми патриоти, а зад себе оставаат најмногу отпад“, рече Рама.
Како дел од иницијативата за подобрување на туристичката култура и заштитата на животната средина, премиерот најави и нова мерка: можна забрана на пуштање талава музика во плажните барови и клубови. Овој музички жанр, иако популарен, често е подложен на критики, но и на стереотипи и културни предрасуди.
Што е „талава“ – музиката што Рама ја спомена?
Талава е музички стил кој своите корени ги има во 1980-тите меѓу ромските и ашкалиските заедници во Косово и Македонија. Подоцна, жанрот се проширил низ целиот Балкан, особено меѓу албанската популација. Денес, талавата има двосмислен статус – се слави на свадби, но често се потценува како „музика без вредност“.
Изјавата на Рама доаѓа во време кога Албанија бележи рекордни бројки на туристи, но и зголемена загриженост за одржливоста на туристичките дестинации. Тој порача дека не станува збор за дискриминација, туку за јасна цел – туристичка култура на повисоко ниво.