Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека лицето кое го изврши терористичкиот напад е Милош Жујовиќ (25), верско име Салахудин, преобратеник од Младеновац, јави дописникот на МИА од Белград.
-Утврдено е дека лицето кое го изврши терористичкиот напад е Милош Жујовиќ (25), религиозно име Салахудин, преобратеник од Младеновац, кој се преселил да живее во Нови Пазар. Во продолжение на акцијата полицијата ќе изврши претреси на повеќе локации. Сите наши сили се на највисоко ниво на подготвеност, рече министерот Дачиќ, соопштенија од МВР.
Официјални лица и дипломати на Амбасадата на Израел не биле во зградата во моментот на инцидентот кога бил нападнат жандармот, кој во самоодбрана го уби напаѓачот.
-Полицијата го истражува случајот. Немаме повеќе детали. Во моментот на настанот, Амбасадата беше затворена, а нејзините службеници и дипломати не беа во зградата. На ранетиот припадник на Жандармеријата му посакуваме брзо закрепнување, изјавија од израелската амбасада во Белград.
-Нападот врз припадник на жандармеријата, кој ја обезбедуваше амбасадата на државата Израел во Белград, истовремено е и напад на дипломатско-конзуларното претставништво на земја со која Србија одржува пријателски врски, но и напад на Србија, соопштија од српското МНР.
-Србија ќе има нулта толеранција кон тероризмот и секаков вид на екстремизам и ќе продолжи да гарантира неповредливост на странските мисии, согласно член 22 од Виенската конвенција за дипломатски односи, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека Министерството за надворешни работи на Србија во оваа прилика е во комуникација со Министерството за надворешни работи на Израел и дипломатите на таа земја во Белград, на кои ќе им ја пружат сета потребна помош и поддршка.