Регион Софија

Бугарската Влада го „преживеа“ третото гласање недоверба, нови тензии пред влезот во еврозоната

Претседателот на ПП, Асен Василев, изјави дека мотивите ќе се разгледаат по 8 јули, кога Бугарија би требало да влезе во еврозоната.

Бугарската Влада го „преживеа“ третото гласање недоверба, нови тензии пред влезот во еврозоната

Третото гласање за недоверба кон Владата на Бугарија предводена од Росен Желјазков пропадна.

Владата на ГЕРБ, БСП и ИТН, со поддршка од коалицијата “ДПС-Нов почеток” на Делјан Пеевски, не успеа да добие доволно гласови за соборување на владиниот кабинет.

Гласањето беше отфрлено со 54 гласа „за” (33 од „Преродба”, 11 од МЕЧ и 10 од „Величина”) и 130 „против”. Освен трите владејачки партии и „ДПС-Нов почеток” (65 од ГЕРБ, 27 од „Нов почеток” и по 17 од БСП и ИТН), против гласаа и четирите пратеници што се одвоија од Доганистите. Пратениците од АПС и ПП-ДБ не учествуваа во гласањето.

Уште пред гласањето, како што пренесува бугарски Медиапул, беше јасно дека предлогот нема да помине, со оглед на тоа што за соборување на владата се потребни минимум 121 глас.

Претходно, од „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија” (ПП-ДБ) изјавија дека нема да поддржат недоверба пред 8 јули, кога се очекува политичка одлука на Советот на Европската Унија за воведувањето на еврото во Бугарија. Од АПС, пак, истакнаа дека го поддржуваат патот кон еврозоната, и дека и покрај критиките кон власта, нема да учествуваат во гласањето.

Официјалниот мотив за недоверба беше наводниот пропуст во фискалната политика на владата. За време на дебатите, опозицијата ја нападна власта дека буџетот се темели на погрешни цели, лажни статистички податоци, претерано оптимистички прогнози и нереални очекувања за даночните приходи. Од БСП и ГЕРБ, пак, обвинија дека опозицијата шири страв, предизвикува политичка дестабилизација и ерозија на демократските процеси.

По гласањето, Делјан Пеевски, кој е под санкции за корупција од Велика Британија и САД, изјави дека ново мнозинство ќе се формира по истекот на мандатот на актуелната влада. – Го кажувам ова на целата опозиција и оние што чекаат проекти – избори ќе има кога ќе поминат четирите години, рече тој пред новинарите во парламентот, додавајќи дека е потребно да се престане со губење време и да се работи за граѓаните.

Заменик-претседателката на парламентарната група на ГЕРБ, Деница Сачева, одби да коментира дали владата е под влијание на Пеевски, нагласувајќи дека таа е на ГЕРБ-СДС, БСП и ИТН. – Може да падне ако опозицијата има 121 глас, но тоа не го има, рече таа, додавајќи дека ваквите иницијативи се само одложување на работата на парламентот. Сачева објасни дека лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, не учествувал поради средби со европски партнери.

Претседателот на “Величина”, Ивелин Михајлов, пак, коментираше дека Пеевски очигледно го „диригира” процесот, наведувајќи дека отсуството на Борисов и изјавите на Пеевски сугерираат влијание. Тој најави разговори за поддршка со АПС и ПП, но изрази сомнеж во нивната независност. Од ПП не ја исклучија можноста за поддршка на четвртиот предлог за недоверба, кој “Величина” го поднесе заедно со „Преродба” и МЕЧ, поради „неуспех во заштитата на животната средина”.

Претседателот на ПП, Асен Василев, изјави дека мотивите ќе се разгледаат по 8 јули, кога Бугарија би требало да влезе во еврозоната.

Паралелно со гласањето, пред парламентот продолжија протестите против воведувањето на еврото, организирани од “Преродба”. Симпатизерите поставија шатори на плоштадот “Независност” и планираат да протестираат секој ден до 8 јули, иако Општината на Софија побара нивно отстранување поради немање соодветна дозвола. (МИА)

To top