Бугарските граѓани денеска избираат 240 пратеници во 50-от состав на Народно собрание, како и 17 пратеници кои ќе ги претставуваат во Европскиот парламент.
Ова се шести парламентарни избори во Бугарија во последните три години, но аналитичарите велат дека е малку веројатно од изборите да произлезе стабилна влада која може да стави крај на долгата политичка нестабилност и да ги деблокира економските реформи.
Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека и овој пат нити една партија нема да освои мнозинство.
Избирачките места се отворени во 7 часот по локално време, а затвораат во 20 часот. Излезните анкети треба да бидат објавени веднаш по затворањето на гласачките места. Првите делумни резултати се очекуваат околу полноќ.
Денешното гласањето беше предизвикано од падот на владејачката коалиција во март, која се состоеше од централно-десничарската партија ГЕРБ и реформистичката партија Продолжуваме со промените (ПП). Според последната анкета на Галуп, објавена во петокот од новинската агенција БТА, ГЕРБ е во водство со 25,9 отсто од гласовите, а по неа следат три партии во тесна трка за второто место.