Бугарите денеска излегуваат на гласање на седмите предвремени избори во последните четири години, додека политички партии во земјата се борат да формираат стабилна коалиција, а гласачите стануваат сè поапатични за исходот, објавуваат светските медиуми.
Последните анкети објавени во четвртокот сугерираат повторување на веќе виденото сценарио за исходот од изборите – без јасен победник и без очигледни опции за формирање значајна коалиција. Се предвидува дека одзивот на гласачите ќе изнесува околу 30 отсто, односно најнизок од падот на комунизмот.
Најсиромашната членка на Европската Унија и, според мерилата на Брисел, една од нејзините најкорумпирани држави имаше низа краткотрајни влади откако протестите против корупцијата во 2020 година помогнаа да се собори коалицијата предводена од централно-десничарската партија ГЕРБ.
Анкетите укажуваат дека мали се шансите и на овие избори да се издвои победничка партија што би можела да обезбеди поддршка од мнозинството пратеници, но и дека недовербата на гласачите во системот е најниска во светски рамки.
При истражувањето на агенцијата „Тренд“ спроведено во изминатата недела дури 38 отсто од анкетираните 1.002 полнолетни граѓани изразиле решеност дека ќе излезат на изборите, но реалниот одѕив се очекува да биде рекордно низок, меѓу 2 и 2,2 милиони гласачи, близу до оној од 30 отсто на претходните избори во јуни.
Димензијата на изборна апатичност меѓу Бугарите уште подобро е отсликана во истражувањето на Галуп, кое покажува дека само 10 отсто од граѓаните имаат доверба во интегритетот на изборите. Ова е најниска стапка во светот, под Монголија (11 отсто), Либан (17 отсто) и Северна Македонија и Босна и Херцеговина (по 18 отсто).
Бугарија не може да состави стабилна влада уште од ерупцијата на антивладините протести во 2020 година, на крајот од мандатот на премиерот Бојко Борисов. Оттогаш разни владини формации и нови коалиции се обидуваа да го преземат кормилото, но ниту една политичка сила не успеа значително време да ја задржи власта.
Недовербата во изборниот процес во Бугарија е неспоредлива со другите членки на Европската Унија. Довербата е шест пати пониска отколку просекот во ЕУ, односно трипати пониска од Романија, која е претпоследна според овој показател.
На слично ниво е и недовербата во другите демократски институции – најниска во Европа и на претпоследно место во светот. Само 17 отсто од Бугарите имаат доверба во судскиот систем, повеќе од двојно помалку отколку граѓаните на Малта и на Грција, кои се на претпоследното место.
Постојаната недоверба во клучните национални институции и скептицизмот за европското раководство го изразуваат системскиот предизвик во бугарското општество. Цикличната природа на политичките кризи и немоќта на последовни влади да воспостават одржлива стабилност се одраз на пошироката недоверба во клучните институции – заклучува Галуп.
По изборите во јуни, претседателот Румен Радев ѝ даде мандат на ГЕРБ, кој освои најмногу гласови и обезбеди 68 од 240 места во Народното собрание. ГЕРБ, сепак, не успеа да формира мнозинска коалиција. Мандатот потоа им беше понуден на другите партии, но и тие не успеаја да направат мнозинска коалиција, поради што беа организирани нови избори.
Што се однесува до овие избори, речиси сигурно најмногу гласови повторно ќе освои коалицијата ГЕРБ-СДС, но не и доволно за да може да состави влада. Изборниот праг од 4 отсто од гласовите ќе го преминат истите седум партии што и досега имаа пратеници, а можно е да им се приклучат уште две. Поголемото фрагментирање на политичката сцена уште повеќе ќе ги зголеми постизборните комбинаторики.
Истражувањето на агенцијата „Тренд“ укажува дека ГЕРБ-СДС може да очекува поддршка од 25 отсто од оние што ќе излезат на избори. Далеку назад, речиси изедначени на втората и третата позиција, се реформистичката партија Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија, со рејтинг од 14,8 отсто, и проруската Препород, со 15,2 отсто. Во третата категорија, со рејтинг помеѓу 6,5 и 7,8 отсто, се Алијансата за права и слободи, Движењето за права и слободи, кое ги застапува правата на турската заедница, популистичката партија Има таков народ и Бугарската социјалистичка партија со обединетата левица. На самиот праг од четири отсто се партиите МЕЧ и Величие.