Ана Брнабиќ, кандидатката за претседателка на собранието на Србија, кажа денес дека пратениците на коалицијата Србија против насилството во 2022 година во Виена веќе ја признале независноста на Косово.
Таа ја покажа декларацијата која во Виена пред две години ја потпишале и Маринка Тепиќ и Аљбин Курти, а во која се бара итно примање на Косово во Европската Унија.
„Ова е вашето огледало! Ова го потпиша вашата партија! Оваа декларација ја потпиша вашата партија! Ова го потпиша Србија против насилството! Независно Косово да стане итно членка на Европската Унија! Поради тоа не смеете да кажете збор за Србите на Косово и Метохија, ќе ви се налутат Виола фон Крамон, Тонино Пицула, Јосип Јуратовиќ и Михаел Рот. Вие кажувавте најубави работи за Аљбин Курти, го нарековте интелектуалец. Вие веќе го признавте независно Косово“, кажа Брнабиќ.
За време на нејзиниот говор, членови на коалицијата Србија против насилството тргнаа кон претседавачот на српското собрание Стојан Раденовиќ.
„Еве, почитувани граѓани на Србија, сè можете да видите за политиката на коалицијата Србија против насилството. Тие се силеџии и насилници, само тоа имаат да ви понудат“, оцени Брнабиќ.
Вчера навршија 20 години од погромот на Србите од Косово, кога 4.000 Срби беа протерани од своите домови.