Претседателот Бајрам Бегај денеска упати порака по повод 15-годишнината од членството на Албанија во НАТО, во која нагласува дека неговата земја ќе продолжи да биде непоколеблива и да придонесува за мирен свет заедно со сојузниците.
„Датумот 1 април 2009 година ја оживеа евроатлантската визија на Албанците да бидат дел од најмоќната политичко-воена алијанса на нашето време. Ова членство го исполни долгогодишниот стремеж на албанскиот народ, враќајќи го во неговата западна припадност, олицетворена во филозофијата на нашиот народен херој, Ѓерѓ Кастриот, како стратег на првиот политичко-воен сојуз со Западот. Членството на Албанија во НАТО е еден од најважните датуми во нашата национална историја“, напиша Бегај во објава на Фејсбук.
Искажува благодарност до албанскиот народ, САД и сојузниците кои го овозможиле членството, додавајќи дека „Албанија за овие 15 години во НАТО, донесе поголема безбедност во земјата, регионот и евроатлантскиот простор“.
„Горди на припадниците на нашите вооружени сили, како и на девојките и момчињата Албанци во мировните мисии и операциите на НАТО, како што се: Авганистан, Ирак, Босна, Косово, Бугарија, Летонија и Егејското Море. Албанија ќе продолжи да биде цврста за, заедно со сојузниците, да ја брани слободата и да придонесува за свет во мир, наведува Бегај во објавата.
Албанија и Хрватска станаа членки на НАТО на 1 април 2009 година на Самитот на Алијансата во Букурешт, кога порад ветото на Грција изостана приемот на Северна Македонија.