Камерите со вештачка интелигенција, поставени пилотски на осум опасни точки во Атика и во десет автобуси, веќе почнаа дигитално да регистрираат и испраќаат казни за сообраќајни прекршоци.
Во Атина веќе почна да функционира новиот систем со „паметни“ камери, а во првите два дена од неговата оперативна примена биле изречени 130 административни казни. Станува збор за пилот-проект во областа Атика, каде камерите со вештачка интелигенција се користат за автоматско евидентирање на сообраќајни прекршоци и за нивно дигитално испраќање до граѓаните.
Според информациите објавени во грчките медиуми, системот официјално почнал да работи во саботата, на 28 март 2026 година, а известувањата за казните веќе се доставуваат електронски преку државната платформа gov.gr и апликацијата Gov.gr Wallet.
Најголем дел од досега регистрираните прекршоци се однесуваат на минување на црвено светло и неносење кацига кај возачи на мотоцикли. Но системот е поставен да бележи и други прекршоци, како пречекорување на брзината, возење или запирање во лента за автобуси, неносење појас и користење мобилен телефон додека возилото е во движење.
Камерите засега се поставени на осум точки со зголемен ризик во Атика, а дополнително има и мобилни камери во десет автобуси, кои се користат за контрола на незаконско движење во лентите наменети за јавен превоз. Целта на проектот, според грчките власти, е намалување на сообраќајните несреќи и подобрување на однесувањето на возачите.
Системот користи автоматско препознавање на регистарски таблички и алгоритамска анализа со вештачка интелигенција, преку која може да се идентификуваат марката, моделот и бојата на возилото, како и видот на прекршокот. Надлежните органи потоа имаат можност и дополнително да ги обработуваат податоците за да проверат дали возилото е осигурено, дали има важечки технички преглед, дали се платени давачките и дали ги исполнува другите законски услови за учество во сообраќајот.
Проектот не завршува тука. Според најавите, во текот на 2026 година треба да бидат поставени околу 1.000 камери во Атика, Солун и Крит, додека мрежата ќе продолжи да се шири и во 2027 година. До почетокот на 2027 година се очекува да има и околу 300 мобилни камери.